Денес, 27 мај, во организација на Еду Центар, успешно се одржа најавената панел дискусија на тема „Сугестопедијата како современ пристап во учењето и развојот на децата“.
Настанот обедини едукатори, експерти, наставници и родители околу една заедничка цел – споделување на креативни и високо ефективни согледувања за трансформација на образовниот процес.
Преку серија стручни излагања, практични примери и дискусија, настанот покажа дека учењето може и мора да биде полесно, покреативно, поинспиративно и исполнето со доверба, емоција и радост.
Настанот беше свечено отворен од водителката Татјана Алексиќ, која истакна дека сугестопедијата не е само метод на учење, туку пристап кој го става човекот, неговиот потенцијал и неговата самодоверба во самиот центар на процесот.
Воведот во дискусијата го водеше модераторката Бојана Стоименовиќ-Петровска, психолог, семеен и системски советник (@moj_psiholog), која ја нагласи итната потреба од посовремен пристап во образованието и развојот на децата. Веднаш потоа, Соња Кипровска ги презентираше основните принципи на сугестопедијата, фокусирајќи се на моќта на позитивната атмосфера, класичната музика и емоциите во процесот на намалување на стресот и поттикнување на детската самодоверба.
Централниот дел од панелот беше посветен на конкретни презентации и практични искуства од училницата, каде секоја тема доби и свој стручен осврт од Цветанка Бурзевска, лиценциран психолог, гешталт арт психотерапевт, магистер по клиничка и советодавна психологија (@art_terapija).
Теа Томовска Ристовска, специјален едукатор и рехабилитатор, гешталт психотерапевт во едукација (@razvoen.stimulus), сподели инспиративни примери „пред и по“ примената на сугестопедијата во работа со деца, прикажувајќи ги позитивните реакции и промени кај учениците.
Анета Ѓорчевска, психолог, наставник по здравствена психологија, се осврна на спецификите при работа со деца со емоционални и социјални предизвици, потенцирајќи ја улогата на играта, креативните активности и емоционалното изразување.
Ивана Јовановска, одделенски наставник во ООУ „Вера Јосиќ“ – Скопје преку сегментот „Искуства од училница“ ја претстави примената на методот во индивидуалната работа, со фокус на развојот на комуникациските вештини и градењето самодоверба кај децата.
Габриела Ѓоргев, наставник и сертифициран тренер за емоционална интелигенција (@mojata_ucitelka) зборуваше за развивањето на емоционалната интелигенција во училницата како клучен фактор за создавање мотивирано и активно учење. Во време кога сè повеќе се зборува за предизвиците со кои се соочуваат децата – стрес, несигурност, недостаток на мотивација и емоционални потешкотии – развивањето на емоционалната интелигенција станува една од најважните теми во образованието. Токму затоа, фокусот на оваа дискусија беше насочен кон создавање поддржувачка и позитивна средина за учење и развој на децата.
Преку сегментот „Искуства од домашни работи“ Маја Нанчева и Ивана Алешковиќ, родители кои веруваат во учење исполнето со поддршка, доверба и позитивна комуникација преку заедничка презентација и кои низ секојдневието ја препознава вредноста на современите пристапи во учењето, покажаа како сугестопедијата нуди моќна поддршка за децата со потешкотии во учењето преку позитивна комуникација, охрабрување и подобрување на концентрацијата.
Настанот кулминираше со отворена панел дискусија каде публиката имаше можност да постави прашања и да размени мислења со презентерите. Беа извлечени клучните пораки за важноста од итна имплементација на овие хумани и современи пристапи во секојдневното работење со деца.
Еду Центар упатува огромна и искрена благодарност до сите говорници, присутни гости и партнери. Особена и посебна благодарност упатуваме до Амбасадата на Република Бугарија за нивната безрезервна поддршка и препознавање на важноста од вложување во современи и хумани пристапи во образованието. Преку овозможувањето на бесплатните обуки за наставниците, заедно правиме значаен чекор кон создавање инспиративна и мотивирачка средина за развој на идните генерации. Во денешната панел дискусија се вклучија над 200 регистрирани учесници.
Методологијата на методот Сугестопедија на проф. д-р Георги Лозанов е во фокусот на проектот кој е иницииран и разработен од г-ѓа Илијана Атанасова, а се реализира од страна на Здружение на граѓани Еду Центар. Проектот е финансиски поддржан по Програма „Бугарска помош за развој“, наменета за Северна Македонија на Министерството на надворешни работи на Република Бугарија, преку Амбасадата во Скопје, а кој во изминатиот период предизвика значителен интерес кај наставниците и стручната јавност.
Во рамки на првата етапа од проектот беа обучени повеќе од 60 наставници и околу 40 учесници од сферата на неформалното образование.Сепак, вистинскиот успех се огледува во фактот што интересот продолжува природно да се шири, поттикнувајќи редица родители, логопеди и наставници да побараат нови алатки за практична имплементација на методологијата.
Во склоп на настанот учесниците и гостите можеа посетат штандовите со книги:
- „Спирко Немирко“ на Ксенија Маказлиева Трајчева, автор на книги за деца и долгогодишен редактор во Просветно дело и нејзините инспиративни дела кои ја поттикнуваат љубопитноста, имагинацијата и емоционалниот развој кај децата;
- „Време е за Даро!“ од Данче Азманова Мирчевска, автор и основач на платформата Working Mom, која преку сликовницата природно се поврзува со принципите на сугестопедијата, каде учењето се одвива низ позитивна атмосфера, емоција, игра и инспирација;
- „Осаменото магаренце што сака да пее“ од Мариа Дуда — инспиративна приказна за прифаќање, самодоверба и охрабрување на секое дете да го следи својот глас. Во духот на сугестопедијата, книгата поттикнува учење преку позитивни емоции, поддршка и радост;
- Прирачник „Креативен дневник со гешталт арт терапија“ од Цветанка Бурзевска — инспиративен водич што ги поврзува креативноста, личниот развој и терапевтскиот пристап во учењето и себеизразувањето
Настанот се одржа на 27 мај 2026 во Салон 19:19 во зградата на Работнички Универзитет – Кочо Рацин, Скопје. За елегантниот амбиент си партниравме со „Орхидеите се љубов“ – Скопје (@orhideiteseljubov) на кои сме бескрајно благодарни.
Настанот беше медиумски поддржан од БТА и порталот Трибуна.
Кога образованието ќе стане инспирација, а не обврска проект „Супер учење за супер деца“
Еду Центар со поддршка од Бугарската помош за развој ја промовира Сугестопедијата во РС Македонија
Leave a Reply
You must be logged in to post a comment.