Интервју со Илијана Атанасова – носител на проектот „Сугестопедија“ во Еду Центар

posted in: News, Sugestopedija | 0

Во рамки на активностите на Еду Центар, успешно е реализирана првата етапа од проектот „Сугестопедија“, кој има за цел да го промовира овој современ пристап на учење и да ја поттикне неговата практична примена во работата со деца. Проектот е насочен кон наставници, едукатори и професионалци кои работат со деца, со цел развој на нови пристапи кои го прават учењето поефикасно, покреативно и мотивирачко.

Во досегашниот тек на проектот, финансиран по програма Бугарска помош за развој преку Амбасадата на Република Бугарија, обучени се повеќе од 60 наставници и професионалци кои работат со деца. Меѓу нив се наставници, психолози, логопеди, едукатори, како и лица кои работат во различни едукативни центри, вклучително и центри за роботика и ЛЕГО активности.

Разговараме со Илијана Атанасова, носител на проектот „Сугестопедија“, за досегашните резултати и следните активности.

Првата етапа од проектот е веќе реализирана. Какви се резултатите досега?

Интересот за обуките беше навистина голем и тоа нè охрабрува дека постои потреба од вакви современи пристапи во образованието. Во рамки на првата етапа обучивме повеќе од 60 наставници и професионалци кои работат со деца. Особено е значајно што учесниците доаѓаат од различни области – формалното образование, психологијата, логопедијата, како и од различни едукативни центри, вклучително и центри за роботика и ЛЕГО активности. Тоа покажува дека интересот за нови методи на учење е сè поголем.

Што ја прави сугестопедијата посебна како метод на учење?

Сугестопедијата се базира на идејата дека секое дете има огромен потенцијал за учење. Кога се создава позитивна и опуштена атмосфера, кога се користат музика, игра и креативни активности, децата учат полесно и со поголема мотивација. Овој пристап ја поттикнува самодовербата кај децата и го прави учењето природен и пријатен процес.

Што се очекува во втората фаза од проектот?

Во втората фаза од проектот очекуваме да добиеме повратни информации од наставниците и професионалците кои веќе ја поминаа обуката, за тоа на кој начин сугестопедиските техники ги применуваат во својата настава и во секојдневната работа со децата.

Целта е да се согледа како методот функционира во реалната образовна практика, како и да се споделат искуства и примери од учесниците. Овие сознанија ќе помогнат во понатамошно унапредување на програмата и развој на нови едукативни активности во рамки на проектот, кој ќе трае до јуни.

Најавена е и нова обука на 28 март. Што можат да очекуваат учесниците?

Поради големиот интерес, на 28 март, Еду Центар во соработка со здружението „Прашај логопед“ организира нова обука по сугестопедија. Настанот ќе се одржи во просториите на Еду Центар во КИЦ (2 кат) со почеток во 11:00 часот.

Обуката ќе ја реализира тим од искусни професионалци со долгогодишно искуство во работа со деца и семејства:

Цветанка Бурзевска, психолог со богато професионално искуство во работа со деца и семејства, посветена на развојот на детските потенцијали и примена на современи психолошки и едукативни пристапи.

Бојана Петровиќ, психолог и основач на платформата „Мој Психолог“, активно ангажирана во поддршка на менталното здравје на децата и родителите, како и во развој на едукативни програми за родителство и детски развој.

д-р Невена Петровска, доктор на науки и експерт во системот на социјална заштита, со долгогодишно искуство во работа со деца, семејства и институции и значаен придонес во развојот на стручни практики за поддршка на детскиот развој

Проектот „Сугестопедија“ на Еду Центар продолжува со нови обуки и активности во наредните месеци, со цел унапредување на современите пристапи во образованието и поддршка на детскиот развој. .